2 Corinthians 9
1 Во врска со помагањето на светиите сметам дека не треба да ви пишувам,
2 зашто ја знам вашата ревност, за која се фалам со вас пред Македонците дека Ахаја приготвила помош уште од лани; и вашата ревност поттикна мнозина.
3 А браќата ги испратив, та да не би нашата пофалба за вас да излезе овој пат напразно, туку како што зборував, бидете приготвени.
4 Па, ако дојдат со мене Македонци и ве најдат неприготвени, да не би да останеме посрамени ние – за да не велиме вие, откако ве пофаливме со таква увереност.
5 Затоа сметав за потребно браќата да ги замолам да дојдат лично кај вас и да се погрижат порано, така што најавената ваша милостиња да се покаже како плод на благослов, а не на лакомство.
6 Ова, пак, ви го велам: кој скржаво сее, скржаво ќе жнее; а кој богато сее, богато и ќе жнее.
7 Секој да дава од сѐ срце, а не со жал или принуда; оти Бог го љуби оној што од срце дава.
8 А Бог е силен да умножи во вас секаква благодат, та, имајќи секогаш доволно сѐ, да бидете од сѐ срце дарежливи во секое добро дело,
9 како што е напишано: »Растури, им даде на сиромашните; правдата Негова останува вечна«.
10 А Оној, Кој му дава на сеачот семе, ќе му даде и леб за храна; Он ќе го умножи и семето ваше, и ќе ви даде да израсте житото на вашата правда,
11 па во сѐ да се збогатите за секаква дарежливост, која преку нас предизвикува благодарност кон Бога.
12 Бидејќи извршувањето на таа служба не само што ги надополнува недостатоците на светиите, туку и во мнозина предизвикува обилна благодарност кон Бога;
13 и тие, користејќи ги плодовите од таа служба, Го прославуваат Бога за вашето покорно признавање на Евангелието Христово, и за простосрдечната заедница, со нив и со сите други;
14 и се молат за вас, бидејќи многу ве сакаат, за преизобилната благодат Божја во вас.
15 Да Му благодариме на Бога за Неговиот неискажан дар!